Изјава за откривање податоци од Family Link за родители на деца на возраст под 13 години (или соодветната возраст во вашата земја)

Прегледајте го „Известувањето за приватност за сметките и профилите на Google управувани со Family Link“, за деца на возраст под 13 години (или соодветната возраст во вашата земја)

Добре дојдовте родители!

Вашата доверба ни е приоритет и да му се дозволи на детето да има сметка на Google е сериозна одлука. Одвојте малку време за да ги прегледате важниве информации за да дознаете повеќе.

Сметката на Google на вашето дете

Сметката на Google на детето е иста како вашата и нуди пристап до многу производи и услуги на Google, што опфаќа и услуги што не се создадени или приспособени за деца. Детето можеби ќе може да ја користи својата сметка за:

  • да поставува прашања и да пристапува и пребарува на интернет преку „Помошникот на Google“, Chrome, „Пребарување“ и други функции на генеративната AI;

  • да комуницира со други луѓе преку Gmail, SMS, видео, гласовни повици и други начини на комуникација

  • да презема, купува и да ужива во апликации, игри, музика, филмови и друго

  • да создава, прегледува и споделува фотографии, видеа, презентации, документи и други содржини

  • да ги следи податоците за здравје и фитнес, како и нивото на активност и пулсот во Google Fit (зависно од уредите на детето)

  • да гледа контекстуални реклами при користење на услугите на Google

Family Link и родителски надзор

Апликацијата Family Link на Google е дизајнирана да ви помогне да поставите основни правила и да го водите вашето дете при неговото доживување додека истражува на интернет. Детето ќе стане дел од вашата семејна група на Google, којашто може да ја користите за споделување на услугите на Google со детето и со најмногу четири други членови на семејството. Ќе може да додадете уште еден родител подоцна за да ви помогне при надгледување на сметката на детето. Родителите може да ја користат Family Link за да прават работи, како:

  • да поставуваат ограничувања за времето поминато на уредите со Android или Chrome OS на детето

  • да ја гледаат локацијата на најавените и активните уреди со Android на детето

  • да ги одобрувате преземањата и купувањата што вашето дете ги врши на Google Play или да ја ограничувате видливоста на содржините според нивната категоризација според возраста;

  • да му помагаат на детето да ги избере типовите активности што може да ги зачува во својата сметка на Google и да дознае како да ги користи за персонализирање на доживувањето

  • да управуваат со поставките, како што е SafeSearch за „Пребарување на Google“

  • да ги прегледуваат дозволите за апликациите на детето, како што се дозволите за пристап до микрофонот, камерата и контактите на уредите со Android и Chrome OS

  • да ги променувате поставките за содржините и пристапот, како и другите поставки за YouTube и YouTube Kids.

Иако родителските контроли на Family Link може да ви помогнат да го надгледувате и да управувате со доживувањето на вашето дете, постојат ограничувања што треба да ги имате предвид:

  • Иако може да управувате со повеќето родителски контроли на Family Link преку прелистувач, ќе ви биде потребна апликацијата Family Link на Android или iOS за да управувате со одредени функции, како ограничувањата за време поминато на уредот.

  • Поставките, како SafeSearch, ограничувања за веб-сајтови на Chrome и филтри на Play Store, може да помогнат да се ограничи пристапот до несоодветни содржини, но не се совршени. Функциите на генеративната AI може да измислуваат работи или да не ги разбираат прашањата, па препорачуваме да го потсетите детето да ги потврдува информациите со веродостојни извори. Дури и кога се вклучени контроливе, детето може сѐ уште да пристапи до работи што не сакате да ги види.

  • Одобрување од родител не е потребно ако вашето дете: повторно преземе апликација или други содржини што биле одобрени претходно, инсталира ажурирање на апликација (дури и ажурирање што додава содржини или бара дополнителни податоци или дозволи) или преземе споделени содржини од вашата „Семејна збирка на Google Play“.

  • Некои функции на Family Link имаат ограничена достапност и може да се потребни одредени поставки и околности за да функционираат. На пример, блокирањето апликации е достапно само кога детето е најавено на компатибилен уред со Android или ChromeOS, а гледањето на локацијата на уредот на детето во апликацијата Family Link е достапно само кога уредот со Android на детето е вклучен и поврзан на интернет.

Кога детето ќе наполни 13 години (возраста може да се разликува според земјата), тоа може да избере самостојно да управува со својата сметка без ваш надзор.

Однесувајте се кон другите со почит

Многу од нашите услуги му овозможуваат на вашето дете да комуницира со други луѓе на нашите услуги. Сакаме да обезбедиме пристојна средина за сите. Тоа значи дека вашето дете мора да ги следи основните правила на однесување, како што се ненавредувањето или неповредувањето на другите или себеси (или поттикнување или заканување со такво навредување или повредување) - на пример, преку доведување во заблуда, мамење, клеветење, малтретирање, вознемирување, демнење на другите или со јавно дистрибуирање содржини што поттикнуваат омраза (како што се содржините што поттикнуваат омраза или дискриминација на луѓето поради нивните потекло, раса, религија, род, сексуална ориентација итн.) кога ги користи нашите услуги. Објавувањето содржини што поттикнуваат омраза може да ве изложи вас и вашето дете на граѓанска или кривична одговорност.

Приватност на вашето дете

За да има вашето дете сопствена сметка или профил на Google, може да ни биде потребна ваша дозвола за прибирање, користење или откривање на податоците на детето како што е опишано во ова „Известување за приватност“ и во Политиката за приватност на Google. Кога ќе му дозволите на детето да ги користи нашите услуги, вие и детето ни ги доверувате вашите податоци. Разбираме дека тоа е голема одговорност, па напорно работиме да ги заштитиме вашите податоци и да ја ставиме контролата во ваши раце. Може да изберете дали детето ќе може да управува со своите контроли на активноста за работи како „Активноста на интернет и апликации“, „Историјата на YouTube“ и, во некои региони, поврзувањето конкретни услуги на Google.

Ова „Известување за приватноста“ за сметки и профили на Google управувани со Family Link, за деца помлади од 13 години (или важечката возраст во вашата земја) и Политиката за приватност на Google ги објаснуваат практиките за приватност на Google. Ако има конкретни практики за приватност за сметката или профилот на вашето дете, како што се практиките за ограничувања за персонализирано рекламирање, разликите се посочени во „Известувањево за приватност“.

„Известувањето за приватност“ не важи за практиките на апликации, дејства или веб-сајтови од трети страни (што не се од Google) што можеби ги користи вашето дете. Ве советуваме да ги прегледате важечките одредби и политики за апликации, дејства и сајтови од трети страни за да утврдите дали се соодветни за вашето дете, како и нивните практики на прибирање и користење податоци.

Податоци што ги прибираме

Штом ќе дозволите вашето дете да има сметка или профил на Google, неговата сметка или профил главно ќе се третира како вашата за податоците што ги прибираме. На пример, прибираме:

Податоци што вие и вашето дете ги создавате или ни ги обезбедувате.

Како дел од постапката за создавање сметка или профил, можно е да побараме лични податоци, како што се име и презиме, адреса на е-пошта и датум на раѓање. Ги прибираме податоците што ги обезбедувате вие или вашето дете, како што се податоците за контакт онлајн, потребни да контактираме со вас за да побараме согласност. Ги прибираме и податоците што вашето дете ги создава, прикачува или прима од други лица при користењето на својата сметка или профил, како на пр., кога ќе зачува слика во „Фотографии на Google“ или ќе создаде документ во Google Drive.

Податоци што ги добиваме додека вашето дете ги користи нашите услуги.

Автоматски прибираме и складираме одредени податоци за услугите што ги користи вашето дете и за тоа како ги користи, на пр., кога детето внесува барање во „Пребарување на Google“ или Gemini, разговара со „Помошникот на Google“ или гледа видео на YouTube Kids. Податоциве опфаќаат:

  • Апликации, прелистувачи и уреди на вашето дете

    Прибираме податоци за апликациите, прелистувачите и уредите што ги користи вашето дете за пристап до услугите на Google, заедно со единствените идентификатори, типот и поставките на прелистувачот, типот и поставките на уредот, оперативниот систем, податоците за мобилната мрежа, вклучувајќи ги името и телефонскиот број на операторот, како и бројот на верзијата на апликацијата. Прибираме и податоци за интеракцијата на апликациите, прелистувачите и уредите на вашето дете со нашите услуги, заедно со IP-адресата, извештаите за падови, активноста на системот, како и датумот, времето и URL на упатувачот на барањето на вашето дете. На пример, податоциве ги прибираме кога услуга на Google на уредот на вашето дете ќе контактира со нашите сервери, како на пример, кога детето инсталира апликација од Play Store.

  • Активноста на вашето дете

    Прибираме податоци за активноста на вашето дете на нашите услуги што, зависно од поставките на детето, ги користиме за работи како препорачување апликации на Google Play што може да му се допаднат. Може да изберете дали детето ќе може да управува со неговите контроли на активноста. Податоците за активноста на вашето дете што ги прибираме може да опфаќаат работи како поими за пребарување, видеа што ги гледало детето, гласовни и аудиоподатоци кога детето користи функции за аудио, луѓе со кои комуницира или споделува содржини, како и историјата на прелистување на Chrome што ја синхронизирало со неговата сметка на Google. Ако вашето дете ги користи нашите услуги за упатување и примање повици или за испраќање и примање пораки, на пример, користејќи Google Meet, може да прибираме податоци од телефонската евиденција. Вашето дете може да ја отвори својата сметка на Google за да ги најде и да управува со податоците за активноста што се зачувани во неговата сметка или профил, а и вие може да помогнете при управувањето со податоците за неговата активност така што ќе се најавите на сметката на Google на вашето дете или ќе пристапите до неговиот профил во Family Link.

  • Податоци за локација на вашето дете

    Прибираме податоци за локацијата на вашето дете кога ги користи нашите услуги. Локацијата на вашето дете може да се утврди преку GPS, IP-адреса, податоци од сензори од уредот на детето, како и податоци за работите во близина на уредот, како на пр., пристапни точки до Wi-Fi, базни станици за мобилна телефонија и уреди со овозможен Bluetooth. Типовите податоци за локацијата што ги прибираме делумно зависат од вашите поставки и уредите на вашето дете.

  • Гласовни и аудиоподатоци на вашето дете

    Може да прибираме гласовни и аудиоподатоци од вашето дете. На пример, ако вашето дете користи наредби за активирање аудио (на пр., ако изговори „Ok Google“ или ја допре иконата за микрофон), снимка од говорот/аудиото што следува ќе се обработи како одговор на неговото барање. Дополнително, ако е означена опцијата „Активност со глас и аудио“ на вашето дете во поставката „Активност на интернет и апликации“, можно е да се складира снимка од неговата интеракција со глас со „Помошникот“ (плус неколку секунди претходно) на уред најавен со неговата сметка.

Користиме различни технологии за прибирање и складирање на податоците за вашето дете, вклучително и колачиња, пикселизирани ознаки, локален капацитет, како на пр., веб-капацитет на прелистувачи или кешови со податоци од апликации, бази на податоци и дневници со евиденција од сервери. Не бараме од детето да обезбеди повеќе лични податоци отколку што е разумно неопходно за да ги користи производите и услугите на Google достапни за сметкиве или профиливе.

Како ги користиме податоците што ги прибираме

„Политиката за приватност на Google“ детално објаснува како може да ги користиме податоците што Google ги прибира во врска со сметката или профилот на Google на вашето дете. Општо земено, податоците на вашето дете може да ги користиме: за обезбедување, одржување и подобрување на нашите услуги; за развивање нови услуги; за приспособување на нашите услуги на вашето дете; за мерење на изведбата и разбирање како се користат нашите услуги; за директна комуникација со вашето дете во врска со нашите услуги и за да помогнеме во подобрувањето на безбедноста и стабилноста на нашите услуги.

За овие цели, користиме различни технологии за обработка на податоците на вашето дете. Користиме автоматизирани системи што ги анализираат содржините или интеракциите на вашето дете за да му обезбедуваме работи како приспособени резултати од пребарување или други функции приспособени согласно со неговото користење на нашите услуги. Ги анализираме содржините на вашето дете за да ни помогнат да откриваме злоупотреба како спам, злонамерен софтвер и незаконски содржини. Користиме и алгоритми за препознавање шеми во податоците. Кога ќе откриеме спам, злонамерен софтвер, незаконски содржини и други форми на злоупотреба на нашите системи што ги прекршуваат нашите правила, може да ја оневозможиме сметката или профилот на детето или да преземеме друго соодветно дејство. Во одредени околности, може и да го пријавиме прекршувањето кај надлежните органи.

Зависно од поставките на вашето дете, може да ги користиме податоците на детето за обезбедување препораки, персонализирани содржини и приспособени резултати од пребарување. На пример, зависно од поставките на вашето дете, Google Play може да користи податоци како апликации што ги инсталирало детето за да предлага нови апликации што може да му се допаднат.

Освен тоа, зависно од поставките на вашето дете, може да ги комбинираме податоците што ги прибираме на нашите услуги и на уредите на детето за целите опишани погоре. Зависно од поставките за сметката или профилот на вашето дете, неговата активност на други сајтови и апликации можно е да се поврзе со неговите лични податоци за подобрување на услугите на Google.

Google нема да му прикажува персонализирани реклами на вашето дете, што значи дека рекламите нема да се базираат на податоците од сметката или профилот на вашето дете. Наместо тоа, рекламите може да се базираат на податоци како што се содржините на веб-сајтот или апликацијата што ги прегледува вашето дете, моменталниот поим за пребарување или општата локација (како на пр., градот или државата). При прелистувањето на интернет или користењето апликации што не се на Google, вашето дете може да наиде на реклами што ги прикажуваат други даватели на реклами (што не се Google), како и реклами персонализирани од трети страни.

Податоци што може да ги споделува вашето дете

Вашето дете можеби ќе може да споделува податоци, вклучително и фотографии, видеа, аудиоснимки и локација, јавно и со други лица, кога ќе биде најавено на сметката или профилот на Google. Кога детето ќе сподели податоци јавно, до нив ќе може да се пристапи преку пребарувачи, како што е „Пребарување на Google“.

Податоци што ги споделува Google

Податоците што ги прибираме може да се споделат надвор од Google во ограничени околности. Не споделуваме лични податоци со компании, организации и поединци надвор од Google, освен во следниве случаи:

Со согласност

Ќе споделиме лични податоци надвор од Google со согласност (доколку е применливо).

Со вашата семејна група

Податоците на вашето дете, вклучително и името, фотографијата, адресата на е-пошта и купувањата на Play, може да се споделат со членови на вашата семејна група на Google.

За надворешна обработка

Личните податоци им ги обезбедуваме на нашите филијали или други доверливи бизниси или лица за да ги обработат во наше име според нашите упатства и во согласност со ова „Известување за приватност“, Политиката за приватност на Google и кои било други соодветни мерки за доверливост и безбедност.

Од правни причини

Личните податоци ќе ги споделиме со компании, организации или поединци надвор од Google ако искрено веруваме дека пристапот, користењето, зачувувањето или откривањето на податоците се оправдано неопходни за:

  • придржување до кои било важечки закони, прописи, правни постапки или применливи владини барања

  • спроведување на важечките „Услови за користење“, вклучително и истражување можни прекршоци

  • откривање, спречување или справување на друг начин со измами, безбедносни или технички проблеми

  • заштита од повреда на правата, имотот или безбедноста на Google, на нашите корисници или на јавноста, кога е законски наложено или дозволено

Можеби ќе споделиме и податоци што не откриваат идентитет (како на пр., трендови за општото користење на нашите услуги) јавно и со нашите партнери, како на пр., издавачи, огласувачи, програмери и сопственици на права. На пример, споделуваме податоци јавно за да ги прикажеме трендовите за општото користење на нашите услуги. Дозволуваме и одредени партнери да прибираат податоци од прелистувачи или уреди за целите на рекламирање и мерење со нивните колачиња или слични технологии.

Пристап до личните податоци на вашето дете

Ако вашето дете има сметка на Google, може да пристапувате до неговите податоци, да ги ажурирате, отстранувате, извезувате и да ја ограничите нивната обработка така што ќе се најавите на неговата сметка на Google. Ако не се сеќавате на лозинката на вашето дете, може да ја ресетирате преку апликацијата Family Link или поставките за Family Link на интернет. Штом се најавите, ќе може да ги користите разните контроли опишани во Политиката за приватност на Google, како контролите на активноста на Google, за полесно управување со поставките за приватноста и податоците на вашето дете.

Ако вашето дете има профил, може да пристапувате до неговите податоци, да ги ажурирате, отстранувате, извезувате и да ја ограничите нивната обработка преку апликацијата Family Link или поставките за Family Link на интернет.

Детето ќе може да ја брише неговата мината активност во „Моја активност“ и стандардно ќе може да дава дозволи за апликации (вклучително и работи како што се пристап до локацијата, микрофонот или контактите на уредот) на трети страни. Family Link може да ја користите и за изменување или модифицирање на податоците од сметката или профилот на Google на вашето дете, прегледување на активноста во апликациите и дозволите за апликациите и управување со способноста на вашето дете да дава одредени дозволи на апликации или услуги од трети страни за пристап до податоците на детето.

Ако некогаш сакате да го сопрете понатамошното прибирање или користење на податоците на вашето дете, може да ја избришете сметката или профилот на Google на детето со кликнување на „Избриши ја сметката“ или „Избриши го профилот“ на страницата со податоци за сметката или профилот на вашето дете во апликацијата Family Link или поставките за Family Link на интернет. Податоците од сметката или профилот на вашето дете ќе се избришат трајно во разумен временски период.

Контактирајте со нас

Ако имате прашања за сметката или профилот на Google на вашето дете, слободно контактирајте со нас. Тука сме да ви помогнеме. Дополнителни информации за Family Link и сметката или профилот на Google на вашето дете може да најдете во нашиот Центар за помош. Може и да ни испратите повратни информации за Family Link или за сметката или профилот на Google на вашето дете преку апликацијата Family Link, така што ќе допрете „Мени ☰ > Помош и повратни информации > Испратете повратни информации“ или ќе контактирате со нас преку е-пошта или на адресата подолу.

Google
1600 Amphitheatre Parkway
Mountain View, CA 94043 USA
Телефон: +1 855 696 1131 (САД)
За другите земји, одете на g.co/FamilyLink/Contact

Ако имате прашања за тоа како Google ги прибира и користи податоците на вашето дете, може да контактирате со Google и нашата канцеларија за заштита на податоците. Може да контактирате и со локалните органи за заштита на податоците ако сте загрижени за вашите права според локалните закони.

Прегледајте ги „Правилата за откривање податоци на Family Link за деца на возраст под 13 години (или соодветната возраст во вашата земја)“

Апликации на Google
Главно мени